top of page
Search
  • Angela

ВИТАМИН Ц - малку познати факти

Витаминот Ц (или аскорбинска киселина) е витамин растворлив во вода, присутен во овошјето и зеленчукот. Тој е еден од најиспитуваните и најопишуваните витамини, и е првиот синтетизиран витамин. Овој витамин има редукциони својства и учествува во многу биолошки процеси. Важен е за синтезата на колагенот и карнитинот, како и за метаболизмот на масните киселини. Тој е најсилниот антиоксиданс меѓу витамините кои се растворливи во вода. Инаку, витаминот Ц е познат по скорбутот, болест која настанува поради неговиот недостаток во организмот.


Витаминот Ц или аскорбинската киселина за првпат бил изолиран во 1928 г. од кората на надбубрежните жлезди на заморчињата. Молекулот на аскорбинската киселина всушност претставува γ-лактон-2-кето-гулонска киселина. Киселоста на витаминот Ц потекнува од ендиолната група (две хидроксилни групи кои се наоѓаат во една двовалентна врска).

Витаминот Ц има кристална структура и е многу чувствителен, брзо се инактивира и распаѓа со делување на влага, светлина, воздух, висока температура (термолабилен). Постојаното внесување на витамин С е потребно затоа што тој не може да се складира во организмот за подолго време. Бидејќи е растворлив во вода, внесениот вишок ќе се излачи, а на организмот брзо ќе му бидат потребни нови количини.


Улога

Витаминот Ц има неколку важни улоги во организмот на човекот:

  • влијае на растот на `рскавичното ткиво и на забите

  • има улога во синтезата на стероидните хормони

  • ја стимулира адреналинската функција и ослободувањето на адреналин и норадреналин од сржта на надбубрежната жлезда

  • има антиоксидативно својство, односно учествува во отстранувањето на слободните радикали

Витаминот Ц го спречува создавањето на опасните соединенија т.н. нитрозамини. кои настануваат во желудникот и цревата со разградување на храната (особено конзервираната). Постојаната присутност на овие соединенија може да доведе и до појава на карцином. Значајна е улогата на витаминит Ц и во синтезата на колагенот – влакнестиот материјал кој е составен дел на кожата, тетивите, коските, рскавицата, забите и крвните садови. Со доволна количина на витаминот Ц се осигурува добра структура на кожата, а таа станува затегната, поздрава и поубава, а коските, тетивите, рскавицата и крвните садови (капилари) стануваат поцврсти и поотпорни.

Растенијата се добар извoр на витаминот Ц, иако неговата количината варира кај пооделни видови растенија во зависност од: климатските услови во кои расте растението, од квалитетот на почвата, од свежината на плодот (со стоење на набраниот плод витаминот Ц оксидира), како и од начинот на обработка на плодот (варење, сечкање, мелење).


Препорачаната доза на витамин Ц за здраво возрасно лице е околу 75-90 мг на ден, при

зголемени потреби, при терапија, може да се земаат и до 500 мг. Витаминот Ц по правило добро се поднесува. Сепак, големи дози (поголеми од 1 г.) при долготрајна примена можат да предизвикаат мачнина, пролив, грчеви во стомакот, осип на кожата, а понекогаш и можност од создавање на камен во бубрегот.

Ако организмот е изложен на дополнителни напори, потребни му се и дополнителни количини на витамин Ц. Зголемени потреби најчесто се јавуваат кај: стресни ситуации, разни заболувања (инфекции) и повреди, зголемена телесна температура, хируршки зафати, употреба на некои лекови, бремени и жени што дојат, спортисти, пушачи и земање на алкохол.

На бремените и жените што дојат потребни им сè до 50% поголеми количини на витамин Ц на ден, а на лицата заболени од шеќерна болест околу 30%. Пушачите имаат хроничен недостаток од витамин Ц затоа што тој се троши за неутрализирање на отровните тешки метали од чадот на цигарите.

Витаминот Ц ја зголемува апсорпцијата на железото, така што е потребна внимателност при нивното заедничко земање.


64 views0 comments
Post: Blog2_Post
bottom of page